Јавен повик: КОВИД-19 брза реакција преку „Дигитализација на услугите на локалната самоуправа“

October 2, 2020

Согласно со член 19 и член 23 од Законот за иновациската дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 79/13, 137/13, 41/14, 44/15, 6/16, 53/16, 190/16 и 64/18), а во согласност со склучениот Договор помеѓу Програмата за развој на Обединети Нации и Фондот за иновации и технолошки развој за имплементација на проектот “КОВИД – 19 брза реакција преку јавен повик за дигитализација на услугите на локалната самоуправа” кога УНДП е партнер за спроведување, Фондот за иновации и технолошки развој на ден 02.10.2020 година, го објавува следниот Јавен повик:

Дигитализација на услугите на локалната самоуправа

Дигитализацијата на јавните услуги е процес кој зема замав со подемот на информациските технологии. Воведувањето на дигитални јавни услуги овозможува транспарентност, отчетност и еднаков, побрз и полесен пристап до јавните услуги за граѓаните и сите релевантни чинители.

Во услови на зголемена потреба за брзо економско опоравување од последиците предизвикани од пандемијата на Ковид 19 и подобрување на квалитетот на живеење во новонастанатите услови, дигитализација на услугите добива особено значење посебно кога станува збор за јавните услуги на локално ниво.

Поаѓајќи од ова, Фондот за иновации и технолошки развој (Фондот) во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) објавува повик за финансирање на проекти за обезбедување на дигитални решенија / алатки кои ќе се воведат во секојдневното работење на пет општини во Република Северна Македонија и тоа: Центар Жупа, Боговиње, Свети Николе, Прилеп и Куманово.

Избраните општини се дел од тековните проектни активности на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) насочени кон поддршка на државата за справување со ефектите од КОВИД-19, како и спроведување на брза и сеопфатна социо-економска анализа за ефектите од пандемијата и утврдување на можности за побрзо опоравување на локално ниво. Во моментот на селекција на општините беа земени повеќе критериуми за избор: распространетост на КОВИД-19 на локално ниво (број на заразени лица/број на активни случаи во моментот); број на жители и етничка структура; застапеност на урбани/рурални општини; географска застапеност во согласност со територијалната организација на земјата (застапеност по плански региони).

Понудените решенија во рамки на јавниот повик „Дигитализација на услугите на локалната самоуправа“ се очекува да бидат од корист и за граѓаните и за локалната самоуправа: заштита на здравјето, подобрување на ефикасноста во работењето и создавање на услови за социјално-економски раст и развој во општината. Со решението треба да се обезбеди модернизација на услугите на општините. Тоа треба да биде применливо и во нормални услови на функционирање и со разработен план за натамошно одржување и подобрување. Решенијата треба да бидат изработени така што ќе бидат лесно применливи од страна на различни категории на граѓани од различни возрасни структури, без ограничување, со јасни и разбирливи инструкции за користење. Идеално, понуденото решение би можело да се искористи и вгради во веќе постоечка платформа(и).

За целосниот повик и документација за аплицирање, посетете ја веб страната на Фондот за иновации на Република Северна Македонија.