Јавен повик за работодавачи кои имаат потреба од работна сила со дигитални вештини и поддршка на процесот на дигитализација

October 9, 2020

Институција која огласува: Програма за развој на Обединетите нации (УНДП), во рамки на проектот – Креирање можности за работа за сите – Главна фаза, финансиран преку Програмата на Швајцарска агенција за развој и соработка (СДЦ).

Рок на пријавување: 30.09.2020

Јавниот повик се објавува во рамки на проектот и во координација со активностите од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2020 година, усвоени од Владата на Република Северна Македонија за мерката 3.2(Б) Стручни обуки според барање на работодавачите.

ЈАВЕН ПОВИК

до заинтересирани работодавачи од микро, мали и средни претпријатија

Се повикуваат работодавачите кои се заинтересирани за вработување на лица со стекнати дигитални вештини преку онлајн обуки согласно потребите на своето претпријатие, да се пријават на јавниот повик и изразат интерес за учество. Обуките можат да бидат наменети само за невработени лица од евиденцијата на активни баратели на работа во Агенцијата за вработување.

Заинтересираните работодавачи ќе добијат финансиска поддршка од страна на УНДП за кофинансирање на трошокот за обука во висина до максимум 24.000 МКД во зависност од реалната цена на чинење на обуката, но не повеќе од 70% од вкупната цена за предвидената обука.

Пријавувањето ќе се одвива по принципот прв пријавен прв услужен до искористување на расположливите средства. Предност ќе им се даде на работодавачите кои ќе кофинансираат поголем износ на средства и/или ќе се обврзат дека ќе вработат дел од обучените лица. На повикот ќе можат да се пријавата само претпријатијата кои бројат не повеќе од 250 вработени.

Обуките може да се однесуваат на стекнување дигитални вештини преку онлајн методи на учење и тоа од следните програмски пакети:

  1. Напредни компјутерски алатки (Word, Excel, PowerPoint или сл.)
  2. Напредна интернет комуникација
  3. Промоција на социјални мрежи
  4. Дигитален маркетинг
  5. Е-продажба и развој на е-продавници
  6. Изработка на (адаптивни) веб-апликации
  7. Одржување на компјутери и компјутерски системи
  8. Работа со мрежно поврзување
  9. Компјутерско програмирање
  10. Изработка на софтверски решенија
  11. Изработка на апликации за мобилен телефон
  12. Анализа и обработка на податоци или други програмски пакети.

Доколку работодавачот смета дека му е потребна некоја друга вештина од сличен тип, својот интерес може да го изрази со дополнување на соодветниот програмски пакет на самата пријава за изразување интерес.

Заинтересираните работодавачи својот интерес за учество можат да го пријават со пополнување на овој формулар.

Предвидено е обуките да се реализираат преку постоечките спроведувачи на онлајн обуки за дигитални вештини и/или соодветни тренинг центри. Изборот на пакетот за обука и спроведувачот на обука или соодветен тренинг центар ќе го направи работодавачот и истиот ќе го наведе на самата пријава, вклучувајќи ја и вкупната сума предвидена за обуката, од која дел ќе биде покриен преку проектот на УНДП, како и сумата која ќе ја покрие работодавачот. Делот што ќе се покрие преку УНДП, како што е веќе претходно наведено, не може да биде повисок од 24.000 МКД и не може да изнесува повеќе од 70% од вкупната сума предвидена за обуката.

Спроведувачот на обука, како и соодветната тренинг програма може, но не мора да биде верификувана од страна на Министерството за образование и наука. Со тоа се поттикнуваат работодавачите да ги користат програмите за онлајн обуки за дигитални вештини достапни пошироко преку верификувани и сите други достапни програми кои ќе овозможат стекнување на соодветните вештини потребни на работодавачот. Спроведувачот на обука односно соодветниот тренинг центар има обврска да спроведе претходна проверка на нивото на знаење на кандидатот со цел вклучување во соодветниот програмски пакет на обука, доколку обуката подразбира одреден степен на претходни знаења, како и да издаде соодветен сертификат, уверение, потврда или друг вид на доказ за видот и степенот на стекнатата обука.

Видот и доказот за стекнатата обука може да се издаде само за лицата кои редовно ја посетувале обуката, согласно условите на програмскиот пакет. Спроведувачот на обука за истото доставува соодветен доказ за времето на посетувана обука и/или дополнителен завршен испит онака како што е предвидено со програмскиот пакет од страна на спроведувачот на обука или соодветниот тренинг центар. УНДП и центрите за вработување на АВРСМ го задржуваат правото за проверка на соодветните докази за посетеност на обуките и завршните испити на начин како што сметаат за неопходно, со можност за присуство и контрола/проценка во текот на посетеноста на обуките и организација на завршните испити.

Се препорачува работодавачите да одбираат програмски пакети и курсеви во времетраење од 2-3 месеци за стекнување на потребните вештини за да можат предвидените обуки да се реализираат заклучно со 31.12.2020.

Детални информации можат да се добијат на контакт телефон 071 292 002 (лице за контакт Гордана Велјановска) како и преку Фејсбук страницата на УНДП.