Втор повик за финансиска поддршка на домаќинствата во Лисиче за замена на грејните тела на огревно дрво, јаглен, нафта или отпад со цел нам

Втор повик за финансиска поддршка на домаќинствата во Лисиче за замена на грејните тела на огревно дрво, јаглен, нафта или отпад со цел нам

March 17, 2021

Со цел подобрување на квалитетот на воздухот, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Градот Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), објавува втор повик за финансиска поддршка на домаќинствата од Лисиче кои се греат на огревно дрво, јаглен, нафта или отпад со цел замена на старите грејни тела, со нови енергетски поефикасни. Дополнително на ова, на избраните домаќинства ќе им се помогне да ги заменат и старите (дрвени) прозорци и врати заради зголемување на енергетската ефикасност во објектите во кои живеат. Финансиската поддршка за воведување на овие мерки е обезбедена од Шведската агенција за меѓународна соработка и развој - СИДА преку проектот “Справување со загадувањето на воздухот во градот Скопје”.

Мерењата на загаденост на воздухот покажуваат дека Лисиче е меѓу најкритичните во Скопската котлина. Имајќи ги предвид местоположбата и карактеристиките на областа Лисиче - индивидуални објекти за домување, близината на станицата за мониторинг на квалитет на воздух на МЖСПП, доминантниот начин на загревање на домовите со огревно дрво и сл. - оваа зона е предложена од експертите како тест област во која треба да се спроведат мерки за подобрување на квалитетот на воздухот.

КОЈ МОЖЕ ДА АПЛИЦИРА?

Сите физички лица кои:

  • имаат постојано место на живеење во областа означена на мапата или во нејзина непосредна близина,

  • за главен извор на загревање користат енергенти како огревно дрво, јаглен, нафта или отпад,

  • прифаќаат да го исфрлат од употреба уредот и енергентот кој го користат за загревање (огревно дрво, јаглен, нафта или отпад),

  • ги исполнуваат останатите услови од повикот и се согласуваат со истите.

КОЛКУ ДОМАЌИНСТВА ЌЕ БИДАТ ПОДДРЖАНИ?

Преку повикот предвидено е да се поддржат околу 100 домаќинства. Бројот на домаќинства може да се промени согласно висината на расположливите средства.

Под “домаќинство” се подразбира едночлено домаќинство или заедница на членови на семејството, како и други роднини меѓу кои не постои законска обврска за меѓусебно издржување, кои заеднички живеат, придонесуваат, стопанисуваат и трошат.

КОЈА Е ПРИОРИТЕТНА ГРУПА ЗА ПОДДРШКА?

Домаќинствата кои за 2019 година имале месечен доход во нето износ до 15.000 денари (односно до 180.000 денари годишно)* спаѓаат во приоритена група за поддршка.

Доколку не се селектираат доволен број на домаќинства кои припаѓаат во оваа приоритетна група, опфатот ќе се прошири на социо-економски најранливите домаќинства кои се пријавиле на повикот односно на домаќинствата кои имаат понизок доход.

КОИ МЕРКИ ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА КВАЛИТЕТОТ НА ВОЗДУХОТ ЌЕ БИДАТ ПОДДРЖАНИ?

Замена на постојното грејно тело (на огревно дрво, јаглен, нафта и сл.) со ново (клима уред - инвертер, топлинска пумпа, печка на пелети/брикети и сл.) е приоритетна мерка за поддршка. Замена на старите (дрвени) прозорци и врати со нови, преку кои ќе се зголеми енергетската ефикасност на објекот, претставува дополнителна мерка која може да биде поддржана преку овој повик.

Во селектираните домаќинства ќе се направи увид на фактичката состојба и ќе биде предложена соодветната мерка.

Доколку се утврди за соодветно, одреден број на дополнително избрани домаќинства може да бидат предмет на енергетска контрола. Извештајот од енергетската контрола ќе биде презентиран на домаќинството, со што истите ќе се поддржат во иднина самостојно да ги спроведат и преостанатите мерки за зголемување на енергетската ефикасност на нивниот објект.

КАКО ЌЕ БИДАТ ОБЕЗБЕДЕНИ СРЕДСТВАТА?

Поддршката обезбедена од страна на проектот ќе биде насочена кон набавка и инсталација на грејно тело и прозорци/врати, а не како директни финансиски трансфери на избраните домаќинства.

УНДП работи според строго утврдени правила и процедури за набавки и не дава предност на фирми, марки или брендови, кои евентуално би биле фаворизирани од страна на домаќинствата.

КОИ ДОКУМЕНТИ СЕ ПОТРЕБНИ ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ?

  1. Целосно пополнета и потпишана пријава.
  2. Пополнети и потпишани изјави и согласности:
    • Согласност за користење на лични податоци од страна на УНДП за потребите на проектот;
    • Изјава за точност и веродостојност на наведените информации и податоци во Пријавата;
    • Согласност за замена на грејното тело. 
  3. Копија од лична карта на кандидатот (адресата од личната карта треба да е идентична со адресата на објектот за кој се пријавувате на повикот);
  4. Копија од имотен лист или решение за данок на имот.

Задолжителни документи за одредени домаќинства - да се достават заедно со пријавата:

  1. Ако домаќинството користи гарантирана минимална помош, право на детски додаток, право на додаток за образование или право на социјална сигурност за стари лица - да се достави доказ за истите.

  2. Ако се работи за згрижувачко семејство, самохрани родители или домаќинство во кое има инвалидно лице – да се достави доказ за истите.

ДОМАЌИНСТВАТА КОИ ЌЕ ВЛЕЗАТ ВО СЛЕДНА ФАЗА НА СЕЛЕКЦИЈА СЕ ОЧЕКУВА ДОПОЛНИТЕЛНО ДА ДОСТАВАТ:

Годишна даночна пријава за сите членови на домаќинството за 2019 година или потврди/чекови од исплата на плата/пензија.

КОИ СЕ КРИТЕРИУМИТЕ ЗА СЕЛЕКЦИЈА НА ДОМАЌИНСТВАТА?

Пријавите на домаќинствата ќе бидат оценувани согласно следниве критериуми:

  • Влијание врз квалитетот на воздухот (30 поени)

  • Број на членови на домаќинство (20 поени)

  • Родова еднаквост и други социјални критериуми (20 поени)

КАДЕ МОЖЕ ДА СЕ НАЈДЕ ПРИЈАВАТА?

Пријавата и сите дополнително објавени информации за повикот може да се најдат на оваа страница од веб страната на УНДП. Ве молиме редовно проверувајте ја.

КАДЕ ТРЕБА ДА СЕ ДОСТАВАТ ДОКУМЕНТИТЕ ПОТРЕБНИ ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ?

Сите документи потребни за пријавување се доставуваат во 1 примерок во затворен плик со назнака за „Повик за поддршка на домаќинства во Лисиче“ на следнава адреса:

Програма за развој на Обединетите нации (УНДП),
Jордан Хаџи-Константинов Џинот бр. 23, Скопје

КОЈ Е КРАЕН РОК ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ?

Крајниот рок за пријавување е 5 април 2021 година.

Пријавите испратени по пошта треба да пристигнат во канцелариите на УНДП најдоцна до 5 април 2021 година. Работно време на канцеларијата е секој ден од 9 до 17 ч.

Сите пријави поднесени по крајниот рок ќе бидат исклучени од процесот на селекција.

КАДЕ МОЖЕ ДА СЕ ДОБИЈАТ ПОДЕТАЛНИ ИНФОРМАЦИИ ОКОЛУ УСЛОВИТЕ И КРИТЕРИУМИТЕ НА ОГЛАСОТ?

За подетални информации во однос на повикот ве молиме обратете се на Марија Паунова Крстевска, телефон: 070/271-334 во периодот од понеделник до четврток помеѓу 14:00 и 16:00 часот или на е-mail: marija.krstevska@undp.org.

* Во овие средства не се вклучуваат социјалните трансфери - домаќинства кои користат право на гарантирана минимална помош, право на детски додаток, право на додаток за образование или право на социјална сигурност за стари лица.