Повик за поддршка на домаќинства од населба Лисиче за воведување на мерки за енергетска ефикасност

24.8.2020

Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во партнерство со Град Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), објавува повик за избор на домаќинства во Населба Лисиче кои ќе бидат поддржани со грант во висина до 10.000 американски долари, во денарска противвредност, со цел да воведат мерки за зголемување на енергетска ефикасност на своите домови и на таков начин да се придонесе кон намалување на загадувањето на воздухот. Финансиската поддршка за воведување на овие мерки е обезбедена од страна на Владата на Шведска преку проектот „Справување со загадувањето на воздухот во градот Скопје“.

Мерењата на загаденост на воздухот покажуваат дека Населбата Лисиче во Скопје е меѓу најкритичните во Скопската котлина. Имајќи ги предвид местоположбата и карактеристиките на Населбата Лисиче - индивидуални објекти за домување, близната на станицата за мониторинг на квалитет на воздух на МЖСПП, растојанието од индустриските капацитети, доминантниот начин на загревање на домовите со огревно дрво и сл. - оваа зона е предложена од експертите како тест област во која треба да се спроведат мерки за зголемување на енергетската ефикасност на домовите, како еден од начините да се намали емисијата на штетни честички во воздухот. 

КОЈ МОЖЕ ДА АПЛИЦИРА?

Можност да се јават на повикот имаат сите физички лица со постојано место на живеење во областа означена на мапата1 или во нејзина непосредна близина, кои поседуваат индивидуален објект за домување – куќа или дел од куќа, за кој постои доказ дека е во сопственост на апликантот.

Проектот поддржува спроведување на енергетско-ефикасни мерки во најмалку 100 домаќинства2. Изборот на домаќинствата ќе се направи според веќе дефинирани критериуми. Во домаќинствата избрани на повикот ќе се спроведе енергетска контрола  со цел да се направи проценка на енергетската ефикасност на објектот и да се предложат конкретни мерки за заштеда на енергија како и пресметка за трошоците за нивно спроведување. Извештајот од енергетската контрола ќе биде презентиран на секое домаќинство со цел да се усогласи/одобри начинот на кој ќе се направат предлог-интервенциите.3

Поддршката обезбедена од страна на проектот изнесува максимум 10.000 американски долари по домаќинство4, во денарска противвредност. Главен предуслов за обезбедување на поддршката е домаќинствата да бидат подготвени да кофинансираат дел од предвидените интервенции. Исклучок од ова правило се домаќинства кои припаѓаат во ГРУПА 1, кои немаат обврска да обезбедат средства за кофинансирање, односно целата интервенција ќе биде покриена од страна на проектот. Финансискиот удел на домаќинствата за кофинансирање на предвидените мерки за енергетска ефикасност ќе зависи од висината на месечниот/годишниот доход5 на сите членови на домаќинството во 2019 година, односно:

ГРУПА 1: Домаќинства со низок доход т.е. домаќинства кои користат право на гарантирана минимална помош, право на детски додаток, право на додаток за образование или право на социјална сигурност за стари лица, како и домаќинства кои за 2019 година оствариле годишен доход во нето износ не поголем од 180.000 денари – немаат обврска да обезбедат средства за кофинансирање на интервенциите.

ГРУПА 2: Домаќинствата кои за 2019 година имале месечен доход во нето износ од 15.001 до 30.000 денари (односно од 180.001 до 360.000 денари годишно) ќе треба да кофинансираат 30% од средствата неопходни за спроведување на интервенциите.

ГРУПА 3: Домаќинствата кои за 2019 година имале месечен доход во нето износ од 30.001 до 54.000 денари (односно од 360.001 до 648.000 денари годишно) ќе треба да кофинансираат 50% од средствата неопходни за спроведување на интервенциите.

ГРУПА 4: Домаќинствата кои за 2019 година имале месечен доход во нето износ од 54.001 до 70.000 денари (односно од 648.001 до 840.000 денари годишно) ќе треба да кофинансираат 70% од средствата неопходни за спроведување на интервенциите.

Поддршката обезбедена преку проектот ќе биде во вид на материјали и опрема, а не како директни финансиски трансфери на избраните домаќинства.  За кофинансирање ќе се прифати инвестирањето во опрема и/или материјали согласно препораките од енергетската контрола.

---

[1] Предност ќе се даде на домаќинствата лоцирани во рамки на целната зона за интервенција, но проектот ќе биде флексибилен и доколку постои заинтересираност на домаќинствата кои се наоѓаат во непосредна близина на оваа зона, по консултација со Универзитетот “Гоце Делчев”- Штип, кој ќе го спроведува мониторингот на квалитетот на воздухот, истите ќе може да се опфатат. Исто така, заради исполнување на одредени технички предуслови за мерење на квалитетот на воздухот, Проектот го задржува правото да се фокусира на помала област односно да го избере соседството кое ќе има најголема концентрација на домаќинства кои се пријавиле на повикот.

[2] „Домаќинство“ претставува едночлено домаќинство или заедница на членови на семејството, како и други роднини меѓу кои не постои законска обврска за меѓусебно издржување, кои заеднички живеат, придонесуваат, стопанисуваат и трошат.

[3] Под енергетско-ефикасни мерки се подразбира замена на грејното тело со ново енергетски поефикасно, замена на прозорци, поставување на надворешна и/или внатрешна изолација, поставување на сончеви колектори и останати интервенции кои би биле предложени од страна на енегетските контролори.

[4] Доколку повеќе домаќинства кои живеат во еден објект се пријават за финансиска поддршка, поддршката за целокупниот објект може да изнесува максимум 15.000 американски долари.

[5] Под “доход” се подразбираат оние видови на доход кои подлежат на оданочување. Социјалните трансфери не влегуваат во оваа категорија.

---

ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ:

  1. Доставена целосно пополнета и потпишана пријава и потпишани изјави кои се дел од пријавата:
    • Изјава за кофинансирање согласно групата во која припаѓа домаќинството (со исклучок на кандидатите што припаѓаат во ГРУПА 1);
    • Изјава за точност и веродостојност на наведените информации и податоци во Пријавата;
    • Согласност за користење на лични податоци од страна на УНДП.
  2. Копија од лична карта на кандидатот (адресата од личната карта треба да е идентична со адресата на објектот за кој се пријавувате на повикот);
  3. Доказ дека кандидатот е сопственик на објектот (имотен лист, договор за купопродажба, решение за данок на имот или договор за закуп за објектот во времетраење од најмалку 2 години од датумот на поднесување на пријавата);

Доколку кандидатот (домаќинството) е избран на повикот од него се очекува дополнително да достави:

  1. Годишна даночна пријава за сите членови на домаќинството за 2019 година;
  2. За домаќинства со низок доход (ГРУПА 1) – да се достави доказ за користење гарантирана минимална помош, право на детски додаток, право на додаток за образование или право на социјална сигурност за стари лица;    
  3. За домаќинствата со низок доход (ГРУПА 1) кои не се корисници на некоја од горенаведените права на социјална помош, но во 2019 година оствариле годишен доход во нето износ не поголем од 180.000 денари – да се достави годишна даночна пријава за 2019 за сите членови на домаќинството;
  4. Во случај да станува збор за згрижувачко семејство или пак домаќинство во кое има инвалидно лице – да се достави доказ;
  5. Согласност за спроведување енергетска контрола во објектот;
  6. Согласност за почитување на препораките за зголемување на енергетска ефикасност дадени од страна на стручниот тим, како и водење евиденција за побараните параметри согласно однапред подготвени формулари и дадени упатства (на пр. евиденција на податоци за користење на дрво или друг енергенс за греење, податоци за квалитетот на амбиенталниот воздух и сл.);
  7. Согласност за соработка со проектниот тим и обезбедување на дополнително побараните документи и податоци во најкус можен рок.

КРИТЕРИУМИ ЗА ИЗБОР

Пријавите на соодветните домаќинства ќе бидат оценувани согласно следниве критериуми:

  • Потенцијал на објектот за спроведување мерки за подобрување на енергетска ефикасност (65 поени)
  • Број на членови на домаќинство  (15 поени)
  • Родова еднаквост и други социо-економски критериуми (20 поени) 

Пријавата во електронска форма може да се симне тука, од веб страницата на УНДП.

Пополнетата пријава и останатите документи треба да се достават во 1 оригинален примерок и 1 копија во затворен плик со назнака за „Повик за поддршка на домаќинства од Населба Лисиче“, најдоцна до 15 септември 2020 година на следната адреса: 

Програма за развој на Обединетите нации (УНДП), 
Јордан Хаџи-Константинов Џинот бр. 23, Скопје

Пријавите испратени по пошта треба да пристигнат во канцелариите на УНДП најдоцна до 15 септември 2020 година.

Сите пријави поднесени по крајниот рок ќе бидат исклучени од процесот на селекција. 

За подетални информации околу условите и критериумите на огласот ве молиме обратете се на Марија Паунова Крстевска (телефон: 070271334; е-mail: marija.krstevska@undp.org).

Ве молиме телефонските повици да ги правите во текот на работното време од понеделник до петок, помеѓу 12:00 и 16:00 часот.

UNDP Around the world

You are at UNDP North Macedonia 
Go to UNDP Global